Sunday, November 27, 2011

(не)разбрани битолски зборови и фрази ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЛЕКЦИЈАТА 5.

.
Blackadder460-300x180
ПАЦА – една од најпознатите битолски хуманитарни личности, еквивалентна на она шо според свецките стандарди значи и означува VIP, односно персона без која не се можи оти ногу е значајна, да не речам важна.
Додуша не е толку важна самата ПАЦА колку што е важна нејзината сопственост врз одредено превезувачко и патувачко средство, кое ПАЦА великодушно му го оставала и му го остава на располагање на секој битолчанец и секоја битолчанка во било кое време од денот, а богами и ноќта.
Па така, ако дадена личност или група на личности, во даден момент треба да стаса од дадена точка А до дадена точка В, а не поседува сопствено превезувачко и патувачко средство, а уште помалку поседува финансиски средства како би си овозможила стасување од точката А до точката В во дадениот момент, тогаш таа личност,односно група на личности може слободно да се обрати кај наша ПАЦА и во истиот момент ќе го добие на располагање, се разбира бесплатно, надалеку прочуеното превезувачко Пацино средство, односно НА ПАЦА БРОДО.
пр.
-Ојме утре на Пелистер?
- Абе дојме, ама со шо ќојме брат??
- Со на Паца бродо бе брат!
.
.

дар

.
Можеби кај нив се сите нејзини слики, сите нејзини книги и сите тетратки испишани со најнеразбирливиот ракопис кој би можел да се замисли.
Можеби одамна го загубив и звукот на нејзиниот глас.
Можеби веќе не се сеќавам ниту на нејзиниот мирис.
Можеби полека ми бледнее и нејзиниот лик.
И можеби многу малку од неа имам околу мене.
Но и не ми е потребно ништо повеќе.
Зашто ми го подари највредното.
Ме научи како да се смеам.
Ме научи како да сакам.
Ме научи како да бидам човек.
И не, не ми е потребно ништо повеќе.
Таа, се остави себе во мене.
.
.

Saturday, November 26, 2011

писмо последно

.
Добро ми утро Најмила Твоја,
Ме сонуваше синоќа, исто ко секоја ноќ претходна. Но, синоќа ти заспав пред да ми посакаш добра ноќ.  Сепак, длабоко во тебе чувствуваш дека тоа не ми попречи да заспијам насмеана.
Денес е сабота, убав ден за почеток на викенд. Знаеш дека не ја сакам зимата, но  имам на ум дека и тоа не е така страшно сѐ додека те имам тебе да ме радуваш, сакаш и насмевнуваш.
Не те бива да ми пишуваш долги писма, немаш многу трпение за тоа. Но јас секако знам дека не е важно со колку реченици ќе ми кажеш дека ме сакаш , сѐ додека сеуште ме сакаш.
Сепак знаеш дека сакам да ми пишуваш писма и тоа по три пати на ден, едно за добро утро, друго за добар ден и трето за добра ноќ. Иако во денешно време тоа е само непотребен трошок на хартија и мастило, а и доброто утро наместо за утрово ќе ми биде добро утро најбргу за утре, а можеби и за по два дена, оти за викенд писмата побавно патуваат.
Но, немам гајле, сѐ додека пишуваш редовно, ќе си се воспостави одреден редослед спонтано.
Еве толку од тебе до мене ова утро, во ова писмо за сега последно.
Околу пладне ќе најдеш малку време да ми го напишеш и следното писмо, за тогаш претпоследно.
Ме сакаш,
Мој Ти
.
.

Friday, November 25, 2011

немое, а од моето

.
Пишува и се смее. Па вели:
- На, читај.
И читам:
„ Опис на мајка“
Сега ќе ја опишам мајка ми. Е па да почнам:
Прво е многу досадна и секој мора да ѝ дава отчет.
Сега прај костени. А бе не оти знај да ги напрај, ги прај во тенџере наместо на рингла. Наопаку. Неа да ѝ се даде право цел свет ќе го преврти наопаку. Ние ќе одиме на глава, а по нејзина желба и дрвјата ќе се садат наопаку. И сѐ прај наопаку.
Наместо тренерки дома носи фармерки, а наместо влечки носи чизми и тоа од оние за во зима и фармерките ги носи пикнати во чизмите, абе како кловн (леле за малку ќе напишев слон).
Сега извинете морам да му турам храна на будилникот. Се зачудивте? Да не не сте писмени? Тоа е папагалот. Негов опис: сега ми е мака, во друга прилика.
Чао бе чао.“
А јас?
Уште се смеам.
.
п.с. објавено со дозвола :)
.
.

куршлус

И така наеднаш ми се пресече мислата.
Ништо.
Нула.
Празно.
Само обид е ова да се продолжи.
Макар и со сила. Па што? Секое правило со своите исклучоци, не?
Тогаш, нека е овој обид моето право на исклучок.
Пффф. Глупости.
И не само што се пресече едната мисла, ами се пресекоа сите. Така наеднаш.
Како кога молчам пред тебе, а ти велиш - кажи ми нешто.. што размислуваш?
А јас ти велам - па... ништо... воопшто ништо.
Не дека е тоа вистина. Зарем е можно човек да не мисли воопшто на ништо?
Убаво би било.
Да беше така лесно. Да можеш да си речеш - пауза. Половина час исклучени мисли. И притискаш - исклуч!
Всушност само впечатокот е таков. Оној првичниот. Дека ми се пресече мислата и нема сега ништо.
Вистинската слика е толку пренатрупана што веќе делува како еднобојна целина.
Нема ни милиметар празен простор, слободен простор, кој би го искористила како почеток.
Па и како крај ако треба, зошто да не. Кај што едно завршува, таму друго ќе започне.
Ама...
Е тоа е... ама... Секогаш има по некое испрчено, разгалено, врескаво и невоспитано ама...
.
Утрата секогаш се прекратки, а ноќите предалечни... кога денот нѐ нема нас...
.
.

Thursday, November 24, 2011

до крајот на сопствениот бескрај

не чекори толку проклето брзо
не умеам таквиот твој чекор да го следам
не умеам
а можеби и не сакам
зарем не знаеш?
постои подалечно и од најдалечното
повисоко и од највисокото
подлабоко и од најдлабокото
зошто мораш да чекориш толку проклето брзо?
зарем не знаеш?
каде и да стасаш
никогаш нема да биде доволно
.
секогаш постои следен посакан миг
.

Wednesday, November 23, 2011

(не)разбрани битолски зборови, фрази и прашања ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЛЕКЦИЈАТА 4.

Blackadder460-300x180
ШО ПРАЈШ? - е прашање кое се однесува на ЗДРАВСТВЕНАТА, односно ПСИХОЛОШКАТА СОСТОЈБА на прашаниот, а НЕ на АКТИВНОСТИТЕ кои ги врши.
Ова прашање има три можни одговори кои сосема јасно ја отсликуваат психолошката, односно здравствената состојба на прашаниот и тоа:
ШО ПРАЈШ? —- ЕВЕ БРАТ, АРЕН

ШО ПРАЈШ? —– АРЕН, АМА ЌЕ МИ ПОМИНИ

ШО ПРАЈШ? —– ДА ГО ПОПРАЈШ!

и ај сега?

.
И така ти убаво си ги воспитуваш златните тие, си внимаваш шо и како зборуваш, шо не им е јасно се трудиш најдобро што умееш да им објасниш, внимаваш која тема во кое време се наметнува, се трудиш да ги насочиш да размислуваат со нивните мали главчиња, а тие си идат од училиште и ти велат:
-Научив нова песна! Сакаш да ти ја испеам?
Ти нормално, презадоволно се претвораш во уво и по нецела секунда слушаш:
-Марииија меееси кифлиииња, самошо ги ииизвај од реерна
самошо ги ииизвај од реерна
ги еба ги нааапрај нафоораааа!
И тебе шок те мава, ама не смееш тоа да го покажеш, ами најнормално прашуваш:
-Кај ја научи, златен ти??
И нормално одговор:
-Ами сите на училиште ја пееја. Сакаш да ја побарам на јутуб?
И ај сеа.
Во прилог следи песната



Tuesday, November 22, 2011

(не)разбрани битолски зборови и фрази ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЛЕКЦИЈАТА 3.

.
Blackadder460-300x180
ЕБЕТЕЈА (ЕБЕТЕГО) – значи да нема забуна, ова се совршено културни и љубезни изрази со кои воодушевувачки се известува, односно објавува дека извесната личност, женска или машка соодветно, најпосле пристигнала.
Имајќи на ум дека битолчани и битолчанки (ние) се (сме) особено чувствителни и внимателни кога е во прашање потрошувачката на време, при што основна единица мерка за време е бројот на испиени кафиња на Широк Сокак, многу јасно е дека особено се внимава на бројот на употребени букви и зборови, на начин што подразбира спроведување на процес на отфрлање на непотребните букви и зборови, мошне внимателно, дури и во случаи кога се работи за само една или две непотребни букви, зашто секоја буква плус значи голтка кафе минус, односно значи скапо време потрошено за џабе.
Од горепојаснетото веќе е сосема јасно дека наместо да се вергла непотребно велејќи – А БЕ ЕТЕ ЈА (А БЕ ЕТЕ ГО) фино лепо се вели ЕБЕТЕЈА (ЕБЕТЕГО), почитувајќи го притоа правилото за третосложно акцентирање.
Заклучок : битолчани и битолчанки не се вулгарен и некултурен народ, ами крајно практичен, крајно економичен и уште покрајно креативен народ.

постои лево и постои десно, не тукутака

.
Не помнам имиња. И онака малку ми говорат за она што зад нив се крие. И таа би можела да се вика и вака и така и било како и секако.
Но, за мене е „Таа која сопствената сигурност ја носи на грбот“. Како товар. Претежок товар од кој не знае како да се ослободи, не знае како да го надмине.
„Секогаш победник, никогаш поразена“ – тоа е она што ја турка напред.Барем таа така тоа го доживува, како туркање напред.
Се обидував да ја натерам да погледне лево и десно од себе, барем понекогаш, барем за еден миг. Ќе видеше дека она што за неа значи напред, всушност е надолу.
Ја сакав. Беше моја. Ѝ бев потребна. И таа мене. Можеби бевме лева и десна половина од едно цело. Можеби ќе останевме една покрај друга, ако ме слушнеше барем еднаш, ако ме послушаше барем еднаш.
Рече дека сум наивна. Простодушна. Малечка.
Ѝ реков – не мора да ти е сѐ секогаш јасно.
Ѝ реков – не мораш да имаш одговор на секое прашање.
Ѝ реков – понекогаш е „можеби“ наместо „сигурно“.
Ѝ реков – понекогаш прифати, наместо да наметнуваш.
Ме нарече предавник. Рече дека си е сама на себе доволна.
Замина.
Сеуште сме лева и десна половина од едно цело. Со бескрај помеѓу.
Понекогаш стојам во место, понекогаш се враќам назад. Но, понекогаш, чекорам напред.
Таа е на милиметар до дното.
Ѝ сеуште не погледнува ни лево, ни десно.
Сигурноста во себе, е преголем товар, ако не знаеш каде да ја носиш.
.

Monday, November 21, 2011

(не)разбрани битолски зборови и фрази ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЛЕКЦИЈАТА 2.

.
Blackadder460-300x180
ЗНАМ и НЕЗНАМ - се два збора чие одбегнување е изричито препорачано, поготово за припадничките на женскиот род, освен се разбира, за тие со нагласена наклонетост кон ризична живеачка.
За да се реализира одбегнувањето треба да се пристапи кон процес на замена на зборовите ЗНАМ, односно НЕЗНАМ, со други повеќесложни изрази, како на пример ШО МЕ МИСЛИШ, НЕ СУМ ВЧЕРАШНА, односно ДА МОТЕПАШ НЕ МИ ТЕКНУВА, соодветно.
Во случај да е искушението преголемо и се одбегне одбегнувањето, најнормално следи соодветна завршница од страна на припадникот на машкиот род, односно
после ЗНАМ —— следи ДА ТИ ГО КЛАМ
после НЕЗНАМ —— следи ДА ТИ ГО РЕЗНАМ
.
Препорака плус: Да се искористи целокупната креативност која на припадничките на женскиот род им стои на располагање, кога би се нашле во ситуација на соодветно трик прашање да кажат МАГЛА, оти најнормално, после МАГЛА следи ДА ГО ФАТИШ ЗАГЛА
.
Напомена – Битола е конзулски град, со огромна културна традиција, која и до ден денешен безрезервно се почитува, негува и постојано се надоградува од страна на нас-гордите битолчани и битолчанки.
.

(не)разбрани битолски зборови и фрази ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЛЕКЦИЈАТА Х

.
Blackadder460-300x180
БООООООООО - прв и основен израз за покажување и прикажување видно воодушевување, односно восхит, совршено погоден како надоместување на губитокот на зборови, како последица од причината која користејќи го елементот на изненадно изненадување, поточно од нигде никаде, наеднаш Ви ја завзема целокупната широчина на видокругот, односно целосно Ви го одвлекува вниманието.
Па така на пример, во моментот кога изненадно изненаден од убавината на љубената, поготово од величината, односно големината, на нејзините атрибути, љубениот останува без зборови, наместо да троши драгоцено време велејќи :
Ох, колку си убава мила!
Тој, фино лепо извикнува колку што е можно погласно и појасно:
БООООООООО ДУП!!!
.
Напомена: Бројот на употребени ОООООООО е правопропорционален со величината, односно големината на причината која го предизвикала воодушевувањето, односно во случајот посочен во примерот, бројот на употребени ООООООООО е правопропорционален со величината односно големината на атрибутите на љубената
.
.

Wednesday, November 16, 2011

невидливо видлива

.
зашто тоа е најлесната одбрана
најлесниот начин на одбрана
земи еден предмет
обложи го со огледала по страните
па стави го каде сакаш
потоа затвори ги очите и заврти се околу себе неколку пати
толку колку да ја загубиш ориентацијата
и да заборавиш каде си го ставил
отвори ги очите
обиди се да го пронајдеш
можеби ќе успееш лесно
ако пулсот негов ти се врежал врз дланките
можеби и мене успеваш да ме пронајдеш лесно
зашто ми го имаш пулсот
врежан во тебе
но, ти си ти
а јас можеби немам поинаква одбрана
освен да се завиткам во огледала
.
.