Sunday, November 27, 2011

(не)разбрани битолски зборови и фрази ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЛЕКЦИЈАТА 5.

.
Blackadder460-300x180
ПАЦА – една од најпознатите битолски хуманитарни личности, еквивалентна на она шо според свецките стандарди значи и означува VIP, односно персона без која не се можи оти ногу е значајна, да не речам важна.
Додуша не е толку важна самата ПАЦА колку што е важна нејзината сопственост врз одредено превезувачко и патувачко средство, кое ПАЦА великодушно му го оставала и му го остава на располагање на секој битолчанец и секоја битолчанка во било кое време од денот, а богами и ноќта.
Па така, ако дадена личност или група на личности, во даден момент треба да стаса од дадена точка А до дадена точка В, а не поседува сопствено превезувачко и патувачко средство, а уште помалку поседува финансиски средства како би си овозможила стасување од точката А до точката В во дадениот момент, тогаш таа личност,односно група на личности може слободно да се обрати кај наша ПАЦА и во истиот момент ќе го добие на располагање, се разбира бесплатно, надалеку прочуеното превезувачко Пацино средство, односно НА ПАЦА БРОДО.
пр.
-Ојме утре на Пелистер?
- Абе дојме, ама со шо ќојме брат??
- Со на Паца бродо бе брат!
.
.

дар

.
Можеби кај нив се сите нејзини слики, сите нејзини книги и сите тетратки испишани со најнеразбирливиот ракопис кој би можел да се замисли.
Можеби одамна го загубив и звукот на нејзиниот глас.
Можеби веќе не се сеќавам ниту на нејзиниот мирис.
Можеби полека ми бледнее и нејзиниот лик.
И можеби многу малку од неа имам околу мене.
Но и не ми е потребно ништо повеќе.
Зашто ми го подари највредното.
Ме научи како да се смеам.
Ме научи како да сакам.
Ме научи како да бидам човек.
И не, не ми е потребно ништо повеќе.
Таа, се остави себе во мене.
.
.

Saturday, November 26, 2011

писмо последно

.
Добро ми утро Најмила Твоја,
Ме сонуваше синоќа, исто ко секоја ноќ претходна. Но, синоќа ти заспав пред да ми посакаш добра ноќ.  Сепак, длабоко во тебе чувствуваш дека тоа не ми попречи да заспијам насмеана.
Денес е сабота, убав ден за почеток на викенд. Знаеш дека не ја сакам зимата, но  имам на ум дека и тоа не е така страшно сѐ додека те имам тебе да ме радуваш, сакаш и насмевнуваш.
Не те бива да ми пишуваш долги писма, немаш многу трпение за тоа. Но јас секако знам дека не е важно со колку реченици ќе ми кажеш дека ме сакаш , сѐ додека сеуште ме сакаш.
Сепак знаеш дека сакам да ми пишуваш писма и тоа по три пати на ден, едно за добро утро, друго за добар ден и трето за добра ноќ. Иако во денешно време тоа е само непотребен трошок на хартија и мастило, а и доброто утро наместо за утрово ќе ми биде добро утро најбргу за утре, а можеби и за по два дена, оти за викенд писмата побавно патуваат.
Но, немам гајле, сѐ додека пишуваш редовно, ќе си се воспостави одреден редослед спонтано.
Еве толку од тебе до мене ова утро, во ова писмо за сега последно.
Околу пладне ќе најдеш малку време да ми го напишеш и следното писмо, за тогаш претпоследно.
Ме сакаш,
Мој Ти
.
.

Friday, November 25, 2011

немое, а од моето

.
Пишува и се смее. Па вели:
- На, читај.
И читам:
„ Опис на мајка“
Сега ќе ја опишам мајка ми. Е па да почнам:
Прво е многу досадна и секој мора да ѝ дава отчет.
Сега прај костени. А бе не оти знај да ги напрај, ги прај во тенџере наместо на рингла. Наопаку. Неа да ѝ се даде право цел свет ќе го преврти наопаку. Ние ќе одиме на глава, а по нејзина желба и дрвјата ќе се садат наопаку. И сѐ прај наопаку.
Наместо тренерки дома носи фармерки, а наместо влечки носи чизми и тоа од оние за во зима и фармерките ги носи пикнати во чизмите, абе како кловн (леле за малку ќе напишев слон).
Сега извинете морам да му турам храна на будилникот. Се зачудивте? Да не не сте писмени? Тоа е папагалот. Негов опис: сега ми е мака, во друга прилика.
Чао бе чао.“
А јас?
Уште се смеам.
.
п.с. објавено со дозвола :)
.
.

куршлус

И така наеднаш ми се пресече мислата.
Ништо.
Нула.
Празно.
Само обид е ова да се продолжи.
Макар и со сила. Па што? Секое правило со своите исклучоци, не?
Тогаш, нека е овој обид моето право на исклучок.
Пффф. Глупости.
И не само што се пресече едната мисла, ами се пресекоа сите. Така наеднаш.
Како кога молчам пред тебе, а ти велиш - кажи ми нешто.. што размислуваш?
А јас ти велам - па... ништо... воопшто ништо.
Не дека е тоа вистина. Зарем е можно човек да не мисли воопшто на ништо?
Убаво би било.
Да беше така лесно. Да можеш да си речеш - пауза. Половина час исклучени мисли. И притискаш - исклуч!
Всушност само впечатокот е таков. Оној првичниот. Дека ми се пресече мислата и нема сега ништо.
Вистинската слика е толку пренатрупана што веќе делува како еднобојна целина.
Нема ни милиметар празен простор, слободен простор, кој би го искористила како почеток.
Па и како крај ако треба, зошто да не. Кај што едно завршува, таму друго ќе започне.
Ама...
Е тоа е... ама... Секогаш има по некое испрчено, разгалено, врескаво и невоспитано ама...
.
Утрата секогаш се прекратки, а ноќите предалечни... кога денот нѐ нема нас...
.
.

Thursday, November 24, 2011

до крајот на сопствениот бескрај

не чекори толку проклето брзо
не умеам таквиот твој чекор да го следам
не умеам
а можеби и не сакам
зарем не знаеш?
постои подалечно и од најдалечното
повисоко и од највисокото
подлабоко и од најдлабокото
зошто мораш да чекориш толку проклето брзо?
зарем не знаеш?
каде и да стасаш
никогаш нема да биде доволно
.
секогаш постои следен посакан миг
.